среда, 31 октомври 2012

Hardfaced - tour report!

10-ти Октомври 2012, ние шест, Пеце и другиот Пеце (заслужен за сите слики што ќе ги видите во следниов рапорт), крцаме појачала, тапани, маици и дискови, куфери, вреќи за спиење и правец клуб "Тунел" – Куманово, да ја започнеме Балканската турнеја на Hardfaced. Два супер бендови свиреа со нас, младите момци Egde Of Eternity од Куманово и Gears од Скопје. Добар концерт за старт на турнејата.
Време беше за една од подолгите дистанци на турнејата, долгото ноќно возење за Букурешт, Романија. Стигнавме следниот ден некаде после ручек, кратко разгледување на центарот и време беше за концерт. Свиревме со многу интересен бенд од Лајпциг, Германија – The Lines We Cross. "Underworld club", мало, но супер место со добар звук. За прв пат во Романија поминавме одлично. Еве и кратко видео од Букурешт.


Следниот ден правец-Брашов. Малку возење по Карпатите, замокот на Дракула, и пристигнување во Брашов во најчудното место за концерт на турнејата. Некаква напуштена фабрика, и внатре една голема соба приспособена за концерт. Повторно свиревме со The Lines We Cross, и сите бевме скептични околу местото и концертот. Но испадна токму спротивното...Брашов беше еден од најдобрите концерти на турнејата. Местото се наполни и немаше внатре ниту еден човек што седи мирен, тотално луда атмосфера. 100% направи сам/а хардкор концерт.

Бидеќи концертот во Клуж отпадна во последен момент поради “сериозноста” на промотерот и Дарко Downstroy во последен момент ни среди концерт во Кикинда, повторно имавме долго возење до Србија. Кикинда беше добро. Следниот ден свиревме во Суботица, каде поминавме одлично. Следуваше Унгарија, каде свиревме исто за прв пат. Добар провод, кој малце го уништија граничарите држеќи не на граница по 3-4 саати во двата правци.

Бевме точно на половина од турнејата и беше време за дружење со добро познатата екипа од Белград. Фала на Марко (Moment Of Clarity) кој ни ја даде целата куќа да одмориме добро два дена. Белград беше одличен концерт. Клубот "Ган" скоро полн, заедно со From Sin, Conviction и Deadrise. Следниот ден релаксирано за Нови Сад, Egde day fest, заедно со нашите другари The Brigde, Through These Eyes, Become As One и два Германски бенда. Браво за Rebuild Collective за организацијата.
The Brigde (за тие што не знаат) е нов бенд составен од членови на Hitman и Deadrise. Ги гледавме за прв пат и слободно можеме да кажеме дека убиваат во живо! Останаа уште три концерти за крај. Следниот ден свиревме на домашен терен, за прв пат во Штип. По пат застанавме во Скопје, да одмориме некој саат и малце да се ослободиме од товарот. Вечерта пристигнавме во Дом на Млади, едно од ретките места во државава што остана во корист на младите. Имавме добар концерт и дружење заедно со Remnants од Кочани. Сабајлето Штипска пастермајлија и патот за Грција.
Не знаевме што да очекуваме во Грција после сите политички напрегања, и таму свиревме за прв пат. Границата ја минавме многу брзо, благодареќи на цариникот на кого омилен бенд му беше Rotting Christ :)  Промотерката Рена, која инаку прави концерти во Солун, реши нашиот концерт да го прави во Килкис (или Кукуш, како сакате) бидеќи таму многу поретко се случувале концерти и публиката била порасположена за концерти. Така и беше, скоро полн клуб, два грчки бенда пред нас, во стилот на Parkway Drive, дури свиреа и нивни преработки. Опуштена атмосфера во Грција зачинета со скапо афтер парти :)

Малце одморивме и не чекаше повторно долг пат до Атина и назад до Скопје. Во Атина стигнавме точно пред тонската и немавме време да прошетаме ни малце. Пристигнавме заедно со нашите браќа од Софија, Last Hope. Екипата од Атина беше одлична, супер организирани момци, концерт во уште подобар клуб каде нон стоп свират огромни метал, хардкор, панк бендови, имавме одличен звук. Тука и дојде крајот и беше време за долго ноќно возење до Скопје. Премалку е во една страна и со неколку слики да се опише една турнеја, и се надевам барем малце ќе доловите од тоа што се случуваше. Посетивме 12 градови во 5 држави, извозевме скоро 5000 киломерти и живеевме 8 момци како една фамилија во комбето 24 часа на ден. Огромно фала на сите промотери и бендови за концертите, гостопримливоста и се што направија за нас.
Шлагот на тортата беше 5 дена од кога се вративме дома, со концертот во Скопје како гости на промоцијата на Smut. Тотално лудило во преполната Хавана. До следните концерти и турнеи, искрено ваш, Hardfaced Team!







(Диме)

сабота, 27 октомври 2012

Концертна промоција на „Мемоарите на скршениот човек" (Report)

Овој концерт ме врати 4 години назад, на едно слично случување, кога клубот "Хавана", едвај успеа да ги издржи 500-те посетители.Се потсетив на деновите кога бев сеуште средношколец и присуствував на  настан кој ме вовлече во она што се нарекува "македонска подземна сцена". И тогаш настапија Hardfaced и Smut. И тогаш се чувстував како и вчера, па се надевам дека ваквите свирки ќе заинтригираат некого кој прв пат ги посетува.
Но, да се навратиме на вчерашната вечер.
Влезот за овој долго очекуван концерт беше отворен во 21:00, а по 20-тина минути започна настапот на младиот хардкор состав Outlaw. Тие отсвирија постари песни од нивното демо ЕП, како и некои нови кои ќе се најдат на албумот кој ќе се снима годинава.Атмосферата беше најжешка кога ги отсвиреа „One step ahead“ и „Obsolete“. Како што заврши нивниот репертоар, по кратката пауза на бината се појавија Hardfaced. Oва воедно беше и нивен концерт за добредојде после 12 дневната балканска турнеја. Публиката се "залепи" до бината со што настана мешаница и борба за микрофон.Hardfaced како и секогаш со многу енергија, се соедини со сите кои наизуст го знаеја секој стих.Како дополнителна најава за тоа што следуваше-Smut,беше моментот кога нивниот вокал Џоле се појави како гостин на "Final delusion". Откако заврши сет листата на Hardfaced (за чудо), поголемиот дел од публиката не замина (чест случај кај нас кога некој бенд настапува последен).
И така е-кој чека-ќе дочека. Smut, во Скопје прв пат оваа година, со концертна промоција како прослава на нивниот 4-ти по ред албум насловен „Мемоарите на скршениот човек“. Еден по еден, се качуваа на сцената Горан,Баге,Слон,Гајка и Џоле, за да го почнат настапот со „Демони“. Фановите повторно, не ги штедea грлата, а бината се преполни со луѓе сеуште жедни за стејџ дајв и синг-а-лонг.Интересно беше што пред да ја отсиврат „Музејот на скршени срца“,  Џоле ги замоли присутните да клекнат и кога одекнаа првите звуци од гитарата публиката ја обзеде лудило.После неколкуте песни од новиот материјал,ја отсвиреа "Татко ми често збореше" , според многумина-неофицијална химнa. Потоа-тишина. Џоле објави дека ова е последниот концерт на нивниот другар кој 16 години беше член на бендот, гитаристот Дејан Николовски-Гајка. Емотивен момент, кој кулминираше со „Верни на играта“. По нејзиниот завршеток, Smut ја напуштија бината, но публиката го зема спуштениот микрофон и побара  да се вратат .Како последна песна ја чувме „Во твоја чест", а потоа сите ги оставија своите инструменти и како вистински пријатели се прегрнаа, со што и концертот заврши.


(Омовски)

вторник, 23 октомври 2012

СИЗ - „Responsibility" (2012)

Што се добива кога еден бенд се состои од двајца кумановци кои не ја практикуваат бас линијата? Одговорот е СИЗ или "Самоуправна Интересна Заедница" . Верувале или не, овој состав звучи добро и без бас гитара, иако за голем број луѓе тоа е несфатливо и невообичаено. Како и да е, тие постојат само 7 месеци,  а веќе го издадоа својот прв албум и се вратија од едномесечната турнеја заедно со ХАХАХА. "Responsibilty" - е името на нивното првенче, кое со својата музика донесе свежина на македонската сцена, со звук кој потсетува на бендовите како Minuteman и цела таа плејада која настана со подемот на хардкор панк-от во 80-тите, а исто така ја задржа D.I.Y.  етиката. Овој албум содржи 13 песни, меѓу кои како највпечатливи можам да ги издвојам "Social Redistribution of Health", "Responsibility", "Vanity" и "К". Материјалот е снимен од страна на Ненад Трифуновски,додека пак миксот и мастерингот е направен од Алекс Маркс. Доколку сте љубител на инди музиката, ова издание можете да го набавите во форма на компакт диск и да уживате во сировиот неред кој го нуди.


Преслушај на: napravizaedno.bandcamp.com/album/responsibility


(Омовски)

понеделник, 22 октомври 2012

Mindless Violence со нов сплит!

По концертната промоција на сплитот со Damage од Шведска, Mindless Violence остануваат активни снимајќи ги песните за нивниот нов, овој пат 4 way сплит.
Материјалот е снимен со помош на Дени Крстев и Ненад Трифуновски, а на него ќе се најдат 4 постари и една понова песна.Во план е изданието да биде претставено на CD во текот на наредната година. Покрај скопската хардкор панк/кросовер треш четврока ќе ги чуеме и Wasted Youth (Германија), Фискални Рачун (Србија) и Streets of Rage (Франција) кои го преферираат стрит/панк звукот.

(Ека)

сабота, 20 октомври 2012

Концертна промоција на ХАХАХА - "Сиромашни и богати" + СИЗ


По европската турнеја, скопската инди тројка ХАХАХА и кумановците СИЗ ја почестија со концерт и домашната публика. Интересно случување во Младинскиот Културен Центар, каде беа пречекани од околу 150 пријатели и љубители на нивната музика. Настанот започна околу 22:30, кога на малата сцена позади киното "Фросина" се слушнаа пријатните звуци на СИЗ. Благи и на моменти, динамични тонови кои ненаметливо допираат до Вашите уши, зачинети со малку срамежливиот, но шармантен настап. Нивниот прв албум "Responsibility" е издаден во соработка со "Направи Заедно" во август годинава.
По кратката пауза, се слушнаа и "танго чекорите"  на ХАХАХА. Tие се појавија и стартуваа со мал потсетник на "Танго револуционер", за да продолжат со репертоарот од "Сиромашни и богати". Материјалот звучи неверојатно во живо, пренесувајќи ја автентично енергијата, љубовта и трудот кој е вложен во него.Не е изненадување тоа што поголемиот дел од присутните речиси комплетно го познаваше истиот. Насмевките беа доволни-бендот уживаше во топлото добредојде, а публиката во нивната изведба. "Пробав да се исклучам" беше емотивниот шлаг чиј вкус допрва ќе се чувстува.

(Ека)

ХАХАХА - ‚‚Сиромашни и богати‘‘ (2012)

Кога го слушам овој бенд некако се чувствувам како да сум во периодот кон крајот на 80-тите,кога веќе старо-школскиот хардкор/панк некако замрувa, а се појавуваат и издигнуваат бендовите како Husker Du/Dag Nasty/Embrace/Rites of Spring. Така се чувствував кога го слушнав и  првиот албум на ХАХАХА ("Танго Револуционер"), a истото се случува и кога ќе го пуштите нивното второ издание "Сиромашни и богати". Ми се допаѓа тоа што, како дел од инспирацијата е градот Скопје,бидејќи така творбата некако ја добива своја урбана приказна.Секако да не ги заборавиме и песните како "Сиромашни и богати" и "Секој Работи" кои целата приказна на овој албум ја затвораат со тоа што секогаш сум го сакал кај секој бенд - текстови со социјална тематика.Како највпечатливи песни би ги издвоил "Втора Смрт", "Ја полни земјата со смрт", "Храбар нов свет""Пробав да се исклучам" и "Ако се одвојам од болката". Забележително е присуството на Кристина Горовска(вокал и дајре),Панче Бујуклиев(електричен клавир)  и Владан Дробицки (тромбон) како гости. Материјалот е снимен,миксан и мастериризан од страна на Ненад Трифуновски во МКЦ, во периодот мај-јуни 2012.Дизајнот е заедничко дело на ХАХАХА и Plasticart. Можете да го набавите во две различни форми-компакт диск и винил, a можете да го преслушате на www.napravizaedno.bandcamp.com/album/--5

(Омовски)