среда, 31 октомври 2012

Hardfaced - tour report!

10-ти Октомври 2012, ние шест, Пеце и другиот Пеце (заслужен за сите слики што ќе ги видите во следниов рапорт), крцаме појачала, тапани, маици и дискови, куфери, вреќи за спиење и правец клуб "Тунел" – Куманово, да ја започнеме Балканската турнеја на Hardfaced. Два супер бендови свиреа со нас, младите момци Egde Of Eternity од Куманово и Gears од Скопје. Добар концерт за старт на турнејата.
Време беше за една од подолгите дистанци на турнејата, долгото ноќно возење за Букурешт, Романија. Стигнавме следниот ден некаде после ручек, кратко разгледување на центарот и време беше за концерт. Свиревме со многу интересен бенд од Лајпциг, Германија – The Lines We Cross. "Underworld club", мало, но супер место со добар звук. За прв пат во Романија поминавме одлично. Еве и кратко видео од Букурешт.


Следниот ден правец-Брашов. Малку возење по Карпатите, замокот на Дракула, и пристигнување во Брашов во најчудното место за концерт на турнејата. Некаква напуштена фабрика, и внатре една голема соба приспособена за концерт. Повторно свиревме со The Lines We Cross, и сите бевме скептични околу местото и концертот. Но испадна токму спротивното...Брашов беше еден од најдобрите концерти на турнејата. Местото се наполни и немаше внатре ниту еден човек што седи мирен, тотално луда атмосфера. 100% направи сам/а хардкор концерт.

Бидеќи концертот во Клуж отпадна во последен момент поради “сериозноста” на промотерот и Дарко Downstroy во последен момент ни среди концерт во Кикинда, повторно имавме долго возење до Србија. Кикинда беше добро. Следниот ден свиревме во Суботица, каде поминавме одлично. Следуваше Унгарија, каде свиревме исто за прв пат. Добар провод, кој малце го уништија граничарите држеќи не на граница по 3-4 саати во двата правци.

Бевме точно на половина од турнејата и беше време за дружење со добро познатата екипа од Белград. Фала на Марко (Moment Of Clarity) кој ни ја даде целата куќа да одмориме добро два дена. Белград беше одличен концерт. Клубот "Ган" скоро полн, заедно со From Sin, Conviction и Deadrise. Следниот ден релаксирано за Нови Сад, Egde day fest, заедно со нашите другари The Brigde, Through These Eyes, Become As One и два Германски бенда. Браво за Rebuild Collective за организацијата.
The Brigde (за тие што не знаат) е нов бенд составен од членови на Hitman и Deadrise. Ги гледавме за прв пат и слободно можеме да кажеме дека убиваат во живо! Останаа уште три концерти за крај. Следниот ден свиревме на домашен терен, за прв пат во Штип. По пат застанавме во Скопје, да одмориме некој саат и малце да се ослободиме од товарот. Вечерта пристигнавме во Дом на Млади, едно од ретките места во државава што остана во корист на младите. Имавме добар концерт и дружење заедно со Remnants од Кочани. Сабајлето Штипска пастермајлија и патот за Грција.
Не знаевме што да очекуваме во Грција после сите политички напрегања, и таму свиревме за прв пат. Границата ја минавме многу брзо, благодареќи на цариникот на кого омилен бенд му беше Rotting Christ :)  Промотерката Рена, која инаку прави концерти во Солун, реши нашиот концерт да го прави во Килкис (или Кукуш, како сакате) бидеќи таму многу поретко се случувале концерти и публиката била порасположена за концерти. Така и беше, скоро полн клуб, два грчки бенда пред нас, во стилот на Parkway Drive, дури свиреа и нивни преработки. Опуштена атмосфера во Грција зачинета со скапо афтер парти :)

Малце одморивме и не чекаше повторно долг пат до Атина и назад до Скопје. Во Атина стигнавме точно пред тонската и немавме време да прошетаме ни малце. Пристигнавме заедно со нашите браќа од Софија, Last Hope. Екипата од Атина беше одлична, супер организирани момци, концерт во уште подобар клуб каде нон стоп свират огромни метал, хардкор, панк бендови, имавме одличен звук. Тука и дојде крајот и беше време за долго ноќно возење до Скопје. Премалку е во една страна и со неколку слики да се опише една турнеја, и се надевам барем малце ќе доловите од тоа што се случуваше. Посетивме 12 градови во 5 држави, извозевме скоро 5000 киломерти и живеевме 8 момци како една фамилија во комбето 24 часа на ден. Огромно фала на сите промотери и бендови за концертите, гостопримливоста и се што направија за нас.
Шлагот на тортата беше 5 дена од кога се вративме дома, со концертот во Скопје како гости на промоцијата на Smut. Тотално лудило во преполната Хавана. До следните концерти и турнеи, искрено ваш, Hardfaced Team!







(Диме)

Нема коментари:

Објави коментар