четврток, 27 декември 2012

5 години (го) "Нема Дедо Мраз"

Веќе традиционално, петта година по ред ќе се одржи фестивалот "Нема Дедо Мраз". Датумот е 28 декември (петок), а за промена, локацијата на случувањето е Куманово, поточно клубот "Џарто". Матинето е во организација на Направи Заедно и Boiling Point, a почетокот е закажан за 18:00 часот. Цената на билетот е 150 денари, а ќе настапат:

CULTURE DEVELOPMENT (Скопје)
ФОНИЈА (Скопје)
ХАХАХА (Скопје)
MOLOKAI (Битола)
СИЗ (Куманово)
VLASTA POPIĆ (Вараждин, Хрватска)


Фестивал на независна музика - "Земјотрес"!

Кога Направи Заедно, PMG Recordings, Sixtynine Records, Кран, E Go East Records и 22 records се дружат, тоа изгледа вака: Astrolungs, Culture Development, Mindless Violence, Фонија, XAXAXA, Generiss, Galatheia, Hideout, Kanton 6, Demek, Душко Јаневски, Screaming for change, The John vs The space rebel gang, СИЗ, Robotek, Millko, Molokai, N.G.O., Герила, Dave Stands, Kings of idle - сите на едно место и два подиума во Младинскиот културен центар. "Земојтрес" - от ќе почне на 29 декември (сабота) во 19:00 часот. Влезот чини 100 денари.









Повеќе информации на:

www.pmgrecordings.com
www.napravizaedno.com
www.sixtyninerecords.org
www.egoeastrecords.com
www.kranrecords.bandcamp.com
www.facebook.com/22records

Односно:

ASTROLUNGS 
https://www.facebook.com/pages/Astrolungs/144430892370919

HIDEOUT
https://www.facebook.com/Hideoutsk

DAVE STANDS
https://www.facebook.com/davestands

GENERISS
https://www.facebook.com/pages/Generiss/159158630779150

MINDLESS VIOLENCE
https://www.facebook.com/mindless.violence.skopje

SCREAMING FOR CHANGE
https://www.facebook.com/screamingforchangemk

XAXAXA
https://www.facebook.com/pages/Xaxaxa/204165512960505

ФОНИЈА
https://www.facebook.com/pages/Fonija/75126990750

CULTURE DEVELOPMENT
https://www.facebook.com/culturedevelopmentmk

МОЛОКАИ
https://www.facebook.com/molokaiau

СИЗ
https://www.facebook.com/pages/SIZ-СИЗ/328300580554014

ГЕРИЛА
https://www.facebook.com/GerilaKumanovskiHIPHOP


KINGS OF IDLE
https://www.facebook.com/Kingsofidle

MILLKO
http://www.myspace.com/millkoband

THE JOHN
https://www.facebook.com/pages/The-John-official/323097831080209

КАНТОН 6
https://www.facebook.com/pages/Kanton6/146524748693375

РОБОТЕК
https://www.facebook.com/pages/Robotek/88786542937

ДУШКО ЈАНЕВСКИ
https://soundcloud.com/dusko-janevski



(Eka)

Conquering Lion со видео запис за "Fire"



Вчера во Тетово, во клубот "Амнезија", даб/реге/хардкор составот Conquering Lion официјално го промовираше видео записот за "Fire", песна која се наоѓа на нивното издание "Know your wisdom" . Спотот е всушност секојдневието на младиот човек и пораката која бендот сака да ја испрати до него. Режисер на приказната е Небојша Стојаноски-Мајор, а снимено е со помош на Кирил Шентевски и Самир Љума. Видеото е поставено и на youtube и истото можете да го погледнете подолу.











(Eka)



петок, 21 декември 2012

Промоција на Длабока Трага-„Никогаш Исто“



Вечерва со почеток од 21 часот во „Stage Caffe“(City Mall) ,скопското рап трио Длабока Трага ќе го промовира својот прв албум наречен „Никогаш Исто“. Ова издание кое содржи 15 песни е изработено под продуцетската палка на Дарко Димитриески  и Марко Гургиќ ,а како гости се појавуваат: СВП, Дудо ДНС, Rootsman, Деки 02, Аце Контра Напад, Dj Oky Doky, Dj Илиќ, Паки, Ајс и Коста. Цената на ова издание изнесува 100 денари.  

                                                                                                                                  (Омовски)

вторник, 18 декември 2012

Крајот на светот се дочекува со мош-пит и стејџ-дајв!

21.12.2012 набрзо доаѓа, а во светот - "паника". Но, во Скопје во клубот "Хавана", овој ден поинаку ќе биде дочекан.
No Turning Back (Холандија), зад себе има 15 години работа и е единствениот европски бенд кој се наоѓал под капата на Bridge 9 Records, кој е почитуван од страна на големите имиња во хардкор заедницата и  кој бил дел од многуте фестивали како во Европа така и во САД. Повторно доаѓаат тука, овој пат за да го промовираат својот седми студиски албум, издаден од страна на нивната (новоформирана) издавачка куќа "Take Control Records".
По турнејата каде и го промовираа најновиот, трет албум  "More Than Ever", овој  концерт исто така ќе биде и местото каде што Last Hope ќе го снимаат и вториот видео запис.Како локална поддршка се појавуваат  Hardfaced кои моментално работат на новиот албум кој би требало да се појави во 2013 година.
Shock Troopers  кои на 20 Септември го промовираа својот сплит со Remnants остануваат активни. Доколку ја испуштивте нивната промоција можете да ги слушнете тука.
Trendkill е новоформиран crossover/hardcore бенд од страна на членови на Serpentine Fire и LSD, а ова е нивен трет настап.
Овој концерт е организиран од страна на Diehard Booking, а ќе започне во 20:00 часот.Цената на билетот изнесува 250 денари.  
                                                                                                                             

  (Омовски)

сабота, 15 декември 2012

10 години панк-рок: Новиот Почеток со концерт во МКЦ

Новиот Почеток вечерва, 15 декември, со концерт во МКЦ ќе ја одбележи 10-годишнината од своето постоење. 3 студиски албуми, неколку измени во составот, илјадници изминати километри, бројни настапи, одлични критики, интересни видео записи и уште повпечатливи, енергични на сцена. Текстови исполнети со најразлични емоции-интерпретирани на оригинален начин како слика за реалноста и потсеник на едно секојдневние, сето ова е само дел од она што овие момци го имаат оставено зад себе и претставува дел од нивното творење.
2012 се покажа како успешна година за нив, нивниот последен албум "Меланхолична Машина" беше пошироко прифатен, а доживеа и промоција во живо на две турнеи: балканска и европска. Најпосле, ќе можат да земат здив после вечерашниот настап, каде ќе бидат поддржани од Нова Генерација и Generiss, чии официјални изданија допрва ги очекуваме. Исто така, како гости на бендот се најавени и некои од поранешните членови.
Влезот за ова случување чини 200 денари, а стартот е закажан за 21 часот.




Информирај се/превземи/преслушај на:

www.noviotpochetok.com /  www.sixtyninerecords.org/ , Дискографија - ОВДЕ !

www.facebook.com/pages/Generiss/159158630779150 / www.myspace.com/generiss.sk

www.facebook.com/novageneracijapunx / www.myspace.com/novageneracijapunx


(Ека)



среда, 5 декември 2012

Aeon Arcanum, Maras,Teeth Of Divine и Remnants во "Хавана"


14т-ти декември ќе биде празник за пријателите на сировиот (метал) звук во кој ќе може да уживаат после подолг целибат. Во Хавана, на случување чиј почеток е закажан за 20 часот, ќе можете да ги видите и чуете Aeon Arcanum, Maras, Remnants од Кочани и Teeth Of Divine-гости од Бугарија.
Пред заедничката балканска турнеја, планирана за во јануари, Maras ќе го презентираат новиот сингл "Миење на светците", a Aeon Arcanum првпат целосно ќе го испромовираат деби-албумот "Monuments" пред домашната публика. 
Teeth Of Divine негуваат мрачен звук кој комбинира experimental/noise со етно елементи, а со Remnants ќе забележите дека апокалипсата всушност се случува секојдневно.
Влезот за овој настан чини 200 денари.



Воедно, ТУКА можете да го превземете "Раскол", првиот албум на Maras.

ЛИНК за даунлоад на "Monuments" - Aeon Arcanum

Дел од материјалот на Remnants и Teeth Of Devine:




(Ека)

недела, 11 ноември 2012

Nine Eleven, Culture Development и Born For Slaughter против монотонија!



Скопје, поточно задната сцена на киното "Фросина" на 12.11.2012 по трет пат станува дел од европската турнеја на Nine Eleven од Франција, која е насловена како "LIVE LIKE A BEAST OR DIE LIKE A MAN OF GOOD 2012" . Од своето постоење па се досега, зад себе имаат оставено 3 албуми, 2 EP-а и многу eвропски и светски турнеи.Доколку сте љубители на модерниот звук на хардкор музика,тогаш со задоволство би требало да го чуете бендов. 

Дел од материјалот ќе најдете овде : http://nineeleven.bandcamp.com/album/city-of-quartz

После Вашингтон во крајот на 80тите и францускиот одговор во 90тите,конечно и во Скопје го слушаме звукот на емотивниот хардкор.Culture Development со не цела година од своето постоење го издадоа нивниот прв албум „The 3 of us“ , а потоа следуваше и првата балканска турнеја на младиот состав.

Линк за преслушување : http://napravizaedno.bandcamp.com/album/the-3-of-us


Краст бендот Born Fоr Slaughter  благодарејќи на скопско-струшката конекција, по кратка пауза и мала промена на членовите е повторно тука. Во очекување на нивното сплит LP, проверете ги тука:

http://bornforslaughter.bandcamp.com/

Почетокот на концертот е закажан за 21:00, a влезот ќе чини 100 денари. Присутни ќе бидат и All Together Distro.


(Подготвија: Ека и Омовски)


сабота, 10 ноември 2012

Steel Temple со промоција на DVD издание

Вечерва со почеток во 20 часот, во Кинотека на Македонија ќе можете да присуствувате на промоцијата на DVD изданието на Steel Temple, проследена со коктел-дружба во пријателска атмосфера. Материјалот е  всушност снимка од последниот концерт на хеви-метал бандата, одржан на 2 јуни минатата година во летниот клуб "Хавана". Изданието содржи 14 песни со времетраење од 80 минути; аудио-миксот го направи Дарко Блуз, додека пак видео материјалот е едитиран од страна на Златко Стровјановски-Мендо (Demency). DVD-то нема да биде наменето за продажба, но ќе биде објавено на интернет веќе во недела, од каде што и ќе може да се превземе.
Влезот за овој настан е бесплатен.


"Changing everybody" - Live - DVD Teaser:




(Eka)

вторник, 6 ноември 2012

Интервју со Ѓорѓи Иловски (SMUT) - "Музиката не е тренд!"


Убаво е кога ќе се потсетиме на некои вредности, страста која произлегува од музиката што ја сакаме и позитивниот елан на концертите. SMUT  тоа достојно го прават во изминативе 16 години, но акцент ќе ставиме на 26 октомври 2012, кога присуствувавме на долгоочекуваната концертна промоција на "Мемоарите на скршениот човек" , нивниот 4-ти албум. Вокалот Ѓорѓи  Иловски, кој инаку е и еден од основачите на Diehard Booking, детално ни раскажува за SMUT, нивната работа, емоции, случки, планови...

1.Какви се импресиите од концертната промоција на "Мемоарите на скршениот човек"? Какво е чувството после подолг период да застанете пред скопската публика и прв пат да го отсвирите новиот материјал, како беше прифатен истиот?

-Може да кажам слободно дека SMUT го заслужија тоа што се случи во "Хавана" пред десетина дена. Гледајќи и зборувајќи само како набљудувач или кога не би бил во бендот, момците чесно си снимија добар албум, со доста пот, љубов и посветеност и мислам дека заслужен беше таквиот однос на публиката-нашето огледало. Едногласното пеење на сите текстови од новиот албум е награда за секој член на еден hard core бенд.

2. Зошто е насловен токму "Мемоарите на скршениот човек", од каде инспирацијата за длабоките и емотивни текстови? Зошто овој пат се решивте песните да бидат на македонски јазик? Во кој период, каде, кој го снимаше, чиј е мастерингот? Дали би издале материјал на поинаков носач на звук, касета (повторно), винил, интернет...?

-Доколку ги прочитате текстовите ќе видите зашто токму така е наречен албумот. Опфатени се две генерации: едни кои ги зафатила транзицијата, а други кои се родиле во неа и незнаат ништо освен зборот “криза” и реченицата “Ќути може да биде и полошо”. Некако зборот "рецесија" не ги плаши многу затоа што треба да имаш за да знаеш како е да немаш.
Емотивниот дел треба да го преживееш, тој момент за да напишеш песна како што е темата во "Црната Птица" и "Музејот". Такви песни неможеш само да седнеш и да ги напишеш. Македонскиот си дојде сам по себе. Не беше планирано . Кога видовме на крај дека во пред-продукција, имаме 16 песни на македонски, моравме да одбереме кои oдат на албум, а кои не. Инструментите ги снимавме кај Гени,а вокалите кај Аго во студиото "Долината на Сенките". Потоа целиот материјал беше работен во Бугарија од страна на Боби Костадинов. А за издавање, би издавале на секаков вид носач на звук. Подобро да издаваме албуми отколку да ја издаваме државата!!!

3. Имате интересни гости на албумов кои на специфичен начин им даваат лик на песните. Кои се тие и зошто ги повикавте токму нив?

-Албумот го завршивме, беа снимени сите вокали,но неколку дена пред праќање на материјалот ни текна дека два албума по ред не сме имале гости. Најчесто гости на нашите албуми биле луѓе со кои живееме и така на овој албум приказната беше иста. На песната "Човекот со пластично срце" гостин е Васко од ХАХАХА и B. Propaganda. Поканата не е случајна затоа што тоа е човек со кого сум пријател над 20 години,а може и повеќе. Дури порано имавме и бенд кој се викаше Комунистичка Самопослуга. Сме делеле секакви момент и добри и лоши така да редно време беше да поделиме и една песна на SMUT. Другите гости се Диме и Климо од Hardfaced. Луѓе кои ги почитувам прво ради самите нив, а потоа поради нивниот бенд. Со нив се запознав 2004 година мислам. Диме ми пријде на еден концерт во Софија, се претстави "Јас сум Димитар од Охрид и сум голем фан на SMUT". По некое време дознав дека прават бенд hard core и бев пресреќен. Кога снимаа албум едно јавување и јас бев во Охрид да ја снимам Final Delusion без двоумење. Верував во тие луѓе и тој бенд од почеток. Се покажаа како вистински луѓе и пријатели и токму затоа беа избор за "Музејот". Ништо не е случајно!

4. "Срце на бина" е вашиот единствен официјален видео запис, снимен неодамна. Зошто се чекаше толку време? Подетално околу снимањето (кој, каде, како, зошто токму на таа песна)?

-Се чекаше толку време едноставно од причина што никогаш картите не се наредија како што треба за да дојде до снимање на спот. Дури прв пат направивме и вистинска фотосесија на овој албум. Претходно се беше правено DIY. Не сакам да се жалам на условите во минатото и какви беа тие за попрофесионален пристап на музика која не е наменета за таканаречен "музички пазар" во Македонија. Така по долги години преговори нашиот пријател на бендот и режисер на спотот Владимир Митревски-Ѓуле седнавме и го слушавме албумот. Ги поминавме сите можни песни и сите сценарија за истите, но прашање беше која да биде прва? Која прва заслужува видео запис? "Срце на бина" е песната што го опишува овој бенд во целост.Бендот кој не правел компромиси, не застанал со свирење без разлика на тоа какви биле условите. Се тоа е опишано во стиховите на таа песна.

5. По 16 години, Дејан Николовски-Гајка, гитарист и еден од членовите кој од самиот почеток е дел од Смат, реши да се повлече. Која е причината? Каква беше вашата реакција кога го дознавте тоа, дали се чувстува неговото отуство и како планирате да продолжите понатаму, односно дали ќе ви се придружи некој друг?


-Гајка е од почетокот, го сака овој бенд подеднакво колку и сите други членови во бендот. Тој ќе биде секогаш тука за SMUT, дали тоа било студиско снимање или правење песни. Едноставно од лични причини несака повеќе да патува, да настапува надвор. Нашата реакција беше нормална затоа што по толку години заедно и преминувањето на секакви ситуации дојдовме до заклучок дека секој човек знае за себе шtо е најдобро. Гајка си кажа: "Најдобро за бендот е јас да не свирам".
Ние нормано планираме да продолжиме понатаму. Гитарист сеуште не сме нашле, а не сме ни барале, а најважно е да си на иста бранова должина затоа што SMUT не е само музицирање.


6. Постоите и активни сте долг период. Покрај многубројните фанови, секогаш постојат и зли јазици. Дали некогаш сте слушнале нешто за бендот што многу ве изреволтирало и што е тоа?

-Па токму тоа е одговорот на прашањето. Има зли јазици најмногу затоа што бендот работи напорно и си ги постигнува своите замислени цели. Никогаш не може да им угодиш на сите. Дури на неколку пати сум кажал дека е многу инспративно да те озборуваат, да те плукаат, мислејќи дека можат подобро. Тоа порано ми пречеше многу, но мислам по толку години се навикнуваш, доаѓаш до степен кога ќе си кажеш, "Чекај бе малку на кого тоа јас му објаснувам?" Каде си сега? SMUT како бенд не му должи објаснување и докажување на никого. Инаку најмногу сме биле плукани и озборувани, ФАКТ, но каде се тие луѓе сега?
Најлегендарна приказна е дека сме направиле многу пари и дека јас од првиот албум сум си купил ЏИП..Циркус.



7. Во текот на годините, сте биле сведоци на многу бендови кои се појавувале и по краток период заминувале. Како Смат успеа да опстои толку време? Какво е вашето мислење за новиот бран бендови кои се појавуваат и кои притоа вас ве посочуваат за пример и дел од нивното музичко влијание?

-SMUT опстоиле толку време од причината што никогаш не сме задоволни. Секогаш ја поместуваме границата, а потоа сакаме да ја скокнеме. Дали тоа била продукција, дизајн, песна,текст,аранжман едноставно, секогаш може подобро. Сами си поставуваме препреки. Втората причина е љубовта да го правиме тоа, ама најдобро што можеме.
Бендови секогаш се појавуваат и си одат. Во истиот момент кога ќе престанат со музицирање тие се музичките критичари кои знаат се. Дури и бендови кои на нивните концерти имале по 10 луѓе сега гледам им се лепат епитети како "легенди" и "неповторливи", "одвај чекам да направат концерт" итн, итн. Со момците одамна сме расчистиле дека нема приказни од стилот "не свириме па се враќаме ко ослободители". Тоа е фејк за сите па и за публиката што те почитува.
Младите бендови кои се појавуваат секогаш ја имале нашата поддршка која SMUT никогаш ја немала од постарите бендови. Постојат доста добри бендови на кои допрва ќе им помагаме и како SMUT и како DIEHARD records & booking, а има бендови на кои сме им помогнале и во истиот момент сме зажалиле. Едноставно не ја сфатиле целата hardcore приказна за почит , подршка и пријателство. Затоа постојат трендови во музиката , а оваа музика за среќа никогаш не била тренд и таквите луѓе не сакам да кажат дека биле дел од нешто за нив миновно, а на некого ова многу му значи.

8. Какви се плановите за блиска иднина? Можеби подолга турнеја? Дали повторно ќе чекаме многу за следен настап?

-Плановите се јасни, прво да ja средиме ситуацијата со нов гитарист. Oдиме со нов видео запис. Доста се оставаше простор во етерот на љангари и олигарси. На пролет планираме и турнеја .Со Diehard исто не застануваме.Имаме неколку добри бендови и мини фестивали во план, а веќе го најавивме и нашето прво издание на моќните FURION. Албум лудило!!! Мешавина од повеќе стилови ама се си е на место. Кога првите албуми на Metallica би се измешале со King Diamond,но отсвирени со жарта што ја имаат бендови како Municipal Waste и D.R.I… Комбинација на смртта. Многу сме горди на изданието што го спремаме како Diehard records, многу!!!


(Интервјуто го направија Ека и Омо)



среда, 31 октомври 2012

Hardfaced - tour report!

10-ти Октомври 2012, ние шест, Пеце и другиот Пеце (заслужен за сите слики што ќе ги видите во следниов рапорт), крцаме појачала, тапани, маици и дискови, куфери, вреќи за спиење и правец клуб "Тунел" – Куманово, да ја започнеме Балканската турнеја на Hardfaced. Два супер бендови свиреа со нас, младите момци Egde Of Eternity од Куманово и Gears од Скопје. Добар концерт за старт на турнејата.
Време беше за една од подолгите дистанци на турнејата, долгото ноќно возење за Букурешт, Романија. Стигнавме следниот ден некаде после ручек, кратко разгледување на центарот и време беше за концерт. Свиревме со многу интересен бенд од Лајпциг, Германија – The Lines We Cross. "Underworld club", мало, но супер место со добар звук. За прв пат во Романија поминавме одлично. Еве и кратко видео од Букурешт.


Следниот ден правец-Брашов. Малку возење по Карпатите, замокот на Дракула, и пристигнување во Брашов во најчудното место за концерт на турнејата. Некаква напуштена фабрика, и внатре една голема соба приспособена за концерт. Повторно свиревме со The Lines We Cross, и сите бевме скептични околу местото и концертот. Но испадна токму спротивното...Брашов беше еден од најдобрите концерти на турнејата. Местото се наполни и немаше внатре ниту еден човек што седи мирен, тотално луда атмосфера. 100% направи сам/а хардкор концерт.

Бидеќи концертот во Клуж отпадна во последен момент поради “сериозноста” на промотерот и Дарко Downstroy во последен момент ни среди концерт во Кикинда, повторно имавме долго возење до Србија. Кикинда беше добро. Следниот ден свиревме во Суботица, каде поминавме одлично. Следуваше Унгарија, каде свиревме исто за прв пат. Добар провод, кој малце го уништија граничарите држеќи не на граница по 3-4 саати во двата правци.

Бевме точно на половина од турнејата и беше време за дружење со добро познатата екипа од Белград. Фала на Марко (Moment Of Clarity) кој ни ја даде целата куќа да одмориме добро два дена. Белград беше одличен концерт. Клубот "Ган" скоро полн, заедно со From Sin, Conviction и Deadrise. Следниот ден релаксирано за Нови Сад, Egde day fest, заедно со нашите другари The Brigde, Through These Eyes, Become As One и два Германски бенда. Браво за Rebuild Collective за организацијата.
The Brigde (за тие што не знаат) е нов бенд составен од членови на Hitman и Deadrise. Ги гледавме за прв пат и слободно можеме да кажеме дека убиваат во живо! Останаа уште три концерти за крај. Следниот ден свиревме на домашен терен, за прв пат во Штип. По пат застанавме во Скопје, да одмориме некој саат и малце да се ослободиме од товарот. Вечерта пристигнавме во Дом на Млади, едно од ретките места во државава што остана во корист на младите. Имавме добар концерт и дружење заедно со Remnants од Кочани. Сабајлето Штипска пастермајлија и патот за Грција.
Не знаевме што да очекуваме во Грција после сите политички напрегања, и таму свиревме за прв пат. Границата ја минавме многу брзо, благодареќи на цариникот на кого омилен бенд му беше Rotting Christ :)  Промотерката Рена, која инаку прави концерти во Солун, реши нашиот концерт да го прави во Килкис (или Кукуш, како сакате) бидеќи таму многу поретко се случувале концерти и публиката била порасположена за концерти. Така и беше, скоро полн клуб, два грчки бенда пред нас, во стилот на Parkway Drive, дури свиреа и нивни преработки. Опуштена атмосфера во Грција зачинета со скапо афтер парти :)

Малце одморивме и не чекаше повторно долг пат до Атина и назад до Скопје. Во Атина стигнавме точно пред тонската и немавме време да прошетаме ни малце. Пристигнавме заедно со нашите браќа од Софија, Last Hope. Екипата од Атина беше одлична, супер организирани момци, концерт во уште подобар клуб каде нон стоп свират огромни метал, хардкор, панк бендови, имавме одличен звук. Тука и дојде крајот и беше време за долго ноќно возење до Скопје. Премалку е во една страна и со неколку слики да се опише една турнеја, и се надевам барем малце ќе доловите од тоа што се случуваше. Посетивме 12 градови во 5 држави, извозевме скоро 5000 киломерти и живеевме 8 момци како една фамилија во комбето 24 часа на ден. Огромно фала на сите промотери и бендови за концертите, гостопримливоста и се што направија за нас.
Шлагот на тортата беше 5 дена од кога се вративме дома, со концертот во Скопје како гости на промоцијата на Smut. Тотално лудило во преполната Хавана. До следните концерти и турнеи, искрено ваш, Hardfaced Team!







(Диме)

сабота, 27 октомври 2012

Концертна промоција на „Мемоарите на скршениот човек" (Report)

Овој концерт ме врати 4 години назад, на едно слично случување, кога клубот "Хавана", едвај успеа да ги издржи 500-те посетители.Се потсетив на деновите кога бев сеуште средношколец и присуствував на  настан кој ме вовлече во она што се нарекува "македонска подземна сцена". И тогаш настапија Hardfaced и Smut. И тогаш се чувстував како и вчера, па се надевам дека ваквите свирки ќе заинтригираат некого кој прв пат ги посетува.
Но, да се навратиме на вчерашната вечер.
Влезот за овој долго очекуван концерт беше отворен во 21:00, а по 20-тина минути започна настапот на младиот хардкор состав Outlaw. Тие отсвирија постари песни од нивното демо ЕП, како и некои нови кои ќе се најдат на албумот кој ќе се снима годинава.Атмосферата беше најжешка кога ги отсвиреа „One step ahead“ и „Obsolete“. Како што заврши нивниот репертоар, по кратката пауза на бината се појавија Hardfaced. Oва воедно беше и нивен концерт за добредојде после 12 дневната балканска турнеја. Публиката се "залепи" до бината со што настана мешаница и борба за микрофон.Hardfaced како и секогаш со многу енергија, се соедини со сите кои наизуст го знаеја секој стих.Како дополнителна најава за тоа што следуваше-Smut,беше моментот кога нивниот вокал Џоле се појави како гостин на "Final delusion". Откако заврши сет листата на Hardfaced (за чудо), поголемиот дел од публиката не замина (чест случај кај нас кога некој бенд настапува последен).
И така е-кој чека-ќе дочека. Smut, во Скопје прв пат оваа година, со концертна промоција како прослава на нивниот 4-ти по ред албум насловен „Мемоарите на скршениот човек“. Еден по еден, се качуваа на сцената Горан,Баге,Слон,Гајка и Џоле, за да го почнат настапот со „Демони“. Фановите повторно, не ги штедea грлата, а бината се преполни со луѓе сеуште жедни за стејџ дајв и синг-а-лонг.Интересно беше што пред да ја отсиврат „Музејот на скршени срца“,  Џоле ги замоли присутните да клекнат и кога одекнаа првите звуци од гитарата публиката ја обзеде лудило.После неколкуте песни од новиот материјал,ја отсвиреа "Татко ми често збореше" , според многумина-неофицијална химнa. Потоа-тишина. Џоле објави дека ова е последниот концерт на нивниот другар кој 16 години беше член на бендот, гитаристот Дејан Николовски-Гајка. Емотивен момент, кој кулминираше со „Верни на играта“. По нејзиниот завршеток, Smut ја напуштија бината, но публиката го зема спуштениот микрофон и побара  да се вратат .Како последна песна ја чувме „Во твоја чест", а потоа сите ги оставија своите инструменти и како вистински пријатели се прегрнаа, со што и концертот заврши.


(Омовски)

вторник, 23 октомври 2012

СИЗ - „Responsibility" (2012)

Што се добива кога еден бенд се состои од двајца кумановци кои не ја практикуваат бас линијата? Одговорот е СИЗ или "Самоуправна Интересна Заедница" . Верувале или не, овој состав звучи добро и без бас гитара, иако за голем број луѓе тоа е несфатливо и невообичаено. Како и да е, тие постојат само 7 месеци,  а веќе го издадоа својот прв албум и се вратија од едномесечната турнеја заедно со ХАХАХА. "Responsibilty" - е името на нивното првенче, кое со својата музика донесе свежина на македонската сцена, со звук кој потсетува на бендовите како Minuteman и цела таа плејада која настана со подемот на хардкор панк-от во 80-тите, а исто така ја задржа D.I.Y.  етиката. Овој албум содржи 13 песни, меѓу кои како највпечатливи можам да ги издвојам "Social Redistribution of Health", "Responsibility", "Vanity" и "К". Материјалот е снимен од страна на Ненад Трифуновски,додека пак миксот и мастерингот е направен од Алекс Маркс. Доколку сте љубител на инди музиката, ова издание можете да го набавите во форма на компакт диск и да уживате во сировиот неред кој го нуди.


Преслушај на: napravizaedno.bandcamp.com/album/responsibility


(Омовски)

понеделник, 22 октомври 2012

Mindless Violence со нов сплит!

По концертната промоција на сплитот со Damage од Шведска, Mindless Violence остануваат активни снимајќи ги песните за нивниот нов, овој пат 4 way сплит.
Материјалот е снимен со помош на Дени Крстев и Ненад Трифуновски, а на него ќе се најдат 4 постари и една понова песна.Во план е изданието да биде претставено на CD во текот на наредната година. Покрај скопската хардкор панк/кросовер треш четврока ќе ги чуеме и Wasted Youth (Германија), Фискални Рачун (Србија) и Streets of Rage (Франција) кои го преферираат стрит/панк звукот.

(Ека)

сабота, 20 октомври 2012

Концертна промоција на ХАХАХА - "Сиромашни и богати" + СИЗ


По европската турнеја, скопската инди тројка ХАХАХА и кумановците СИЗ ја почестија со концерт и домашната публика. Интересно случување во Младинскиот Културен Центар, каде беа пречекани од околу 150 пријатели и љубители на нивната музика. Настанот започна околу 22:30, кога на малата сцена позади киното "Фросина" се слушнаа пријатните звуци на СИЗ. Благи и на моменти, динамични тонови кои ненаметливо допираат до Вашите уши, зачинети со малку срамежливиот, но шармантен настап. Нивниот прв албум "Responsibility" е издаден во соработка со "Направи Заедно" во август годинава.
По кратката пауза, се слушнаа и "танго чекорите"  на ХАХАХА. Tие се појавија и стартуваа со мал потсетник на "Танго револуционер", за да продолжат со репертоарот од "Сиромашни и богати". Материјалот звучи неверојатно во живо, пренесувајќи ја автентично енергијата, љубовта и трудот кој е вложен во него.Не е изненадување тоа што поголемиот дел од присутните речиси комплетно го познаваше истиот. Насмевките беа доволни-бендот уживаше во топлото добредојде, а публиката во нивната изведба. "Пробав да се исклучам" беше емотивниот шлаг чиј вкус допрва ќе се чувстува.

(Ека)

ХАХАХА - ‚‚Сиромашни и богати‘‘ (2012)

Кога го слушам овој бенд некако се чувствувам како да сум во периодот кон крајот на 80-тите,кога веќе старо-школскиот хардкор/панк некако замрувa, а се појавуваат и издигнуваат бендовите како Husker Du/Dag Nasty/Embrace/Rites of Spring. Така се чувствував кога го слушнав и  првиот албум на ХАХАХА ("Танго Револуционер"), a истото се случува и кога ќе го пуштите нивното второ издание "Сиромашни и богати". Ми се допаѓа тоа што, како дел од инспирацијата е градот Скопје,бидејќи така творбата некако ја добива своја урбана приказна.Секако да не ги заборавиме и песните како "Сиромашни и богати" и "Секој Работи" кои целата приказна на овој албум ја затвораат со тоа што секогаш сум го сакал кај секој бенд - текстови со социјална тематика.Како највпечатливи песни би ги издвоил "Втора Смрт", "Ја полни земјата со смрт", "Храбар нов свет""Пробав да се исклучам" и "Ако се одвојам од болката". Забележително е присуството на Кристина Горовска(вокал и дајре),Панче Бујуклиев(електричен клавир)  и Владан Дробицки (тромбон) како гости. Материјалот е снимен,миксан и мастериризан од страна на Ненад Трифуновски во МКЦ, во периодот мај-јуни 2012.Дизајнот е заедничко дело на ХАХАХА и Plasticart. Можете да го набавите во две различни форми-компакт диск и винил, a можете да го преслушате на www.napravizaedno.bandcamp.com/album/--5

(Омовски)