вторник, 6 ноември 2012

Интервју со Ѓорѓи Иловски (SMUT) - "Музиката не е тренд!"


Убаво е кога ќе се потсетиме на некои вредности, страста која произлегува од музиката што ја сакаме и позитивниот елан на концертите. SMUT  тоа достојно го прават во изминативе 16 години, но акцент ќе ставиме на 26 октомври 2012, кога присуствувавме на долгоочекуваната концертна промоција на "Мемоарите на скршениот човек" , нивниот 4-ти албум. Вокалот Ѓорѓи  Иловски, кој инаку е и еден од основачите на Diehard Booking, детално ни раскажува за SMUT, нивната работа, емоции, случки, планови...

1.Какви се импресиите од концертната промоција на "Мемоарите на скршениот човек"? Какво е чувството после подолг период да застанете пред скопската публика и прв пат да го отсвирите новиот материјал, како беше прифатен истиот?

-Може да кажам слободно дека SMUT го заслужија тоа што се случи во "Хавана" пред десетина дена. Гледајќи и зборувајќи само како набљудувач или кога не би бил во бендот, момците чесно си снимија добар албум, со доста пот, љубов и посветеност и мислам дека заслужен беше таквиот однос на публиката-нашето огледало. Едногласното пеење на сите текстови од новиот албум е награда за секој член на еден hard core бенд.

2. Зошто е насловен токму "Мемоарите на скршениот човек", од каде инспирацијата за длабоките и емотивни текстови? Зошто овој пат се решивте песните да бидат на македонски јазик? Во кој период, каде, кој го снимаше, чиј е мастерингот? Дали би издале материјал на поинаков носач на звук, касета (повторно), винил, интернет...?

-Доколку ги прочитате текстовите ќе видите зашто токму така е наречен албумот. Опфатени се две генерации: едни кои ги зафатила транзицијата, а други кои се родиле во неа и незнаат ништо освен зборот “криза” и реченицата “Ќути може да биде и полошо”. Некако зборот "рецесија" не ги плаши многу затоа што треба да имаш за да знаеш како е да немаш.
Емотивниот дел треба да го преживееш, тој момент за да напишеш песна како што е темата во "Црната Птица" и "Музејот". Такви песни неможеш само да седнеш и да ги напишеш. Македонскиот си дојде сам по себе. Не беше планирано . Кога видовме на крај дека во пред-продукција, имаме 16 песни на македонски, моравме да одбереме кои oдат на албум, а кои не. Инструментите ги снимавме кај Гени,а вокалите кај Аго во студиото "Долината на Сенките". Потоа целиот материјал беше работен во Бугарија од страна на Боби Костадинов. А за издавање, би издавале на секаков вид носач на звук. Подобро да издаваме албуми отколку да ја издаваме државата!!!

3. Имате интересни гости на албумов кои на специфичен начин им даваат лик на песните. Кои се тие и зошто ги повикавте токму нив?

-Албумот го завршивме, беа снимени сите вокали,но неколку дена пред праќање на материјалот ни текна дека два албума по ред не сме имале гости. Најчесто гости на нашите албуми биле луѓе со кои живееме и така на овој албум приказната беше иста. На песната "Човекот со пластично срце" гостин е Васко од ХАХАХА и B. Propaganda. Поканата не е случајна затоа што тоа е човек со кого сум пријател над 20 години,а може и повеќе. Дури порано имавме и бенд кој се викаше Комунистичка Самопослуга. Сме делеле секакви момент и добри и лоши така да редно време беше да поделиме и една песна на SMUT. Другите гости се Диме и Климо од Hardfaced. Луѓе кои ги почитувам прво ради самите нив, а потоа поради нивниот бенд. Со нив се запознав 2004 година мислам. Диме ми пријде на еден концерт во Софија, се претстави "Јас сум Димитар од Охрид и сум голем фан на SMUT". По некое време дознав дека прават бенд hard core и бев пресреќен. Кога снимаа албум едно јавување и јас бев во Охрид да ја снимам Final Delusion без двоумење. Верував во тие луѓе и тој бенд од почеток. Се покажаа како вистински луѓе и пријатели и токму затоа беа избор за "Музејот". Ништо не е случајно!

4. "Срце на бина" е вашиот единствен официјален видео запис, снимен неодамна. Зошто се чекаше толку време? Подетално околу снимањето (кој, каде, како, зошто токму на таа песна)?

-Се чекаше толку време едноставно од причина што никогаш картите не се наредија како што треба за да дојде до снимање на спот. Дури прв пат направивме и вистинска фотосесија на овој албум. Претходно се беше правено DIY. Не сакам да се жалам на условите во минатото и какви беа тие за попрофесионален пристап на музика која не е наменета за таканаречен "музички пазар" во Македонија. Така по долги години преговори нашиот пријател на бендот и режисер на спотот Владимир Митревски-Ѓуле седнавме и го слушавме албумот. Ги поминавме сите можни песни и сите сценарија за истите, но прашање беше која да биде прва? Која прва заслужува видео запис? "Срце на бина" е песната што го опишува овој бенд во целост.Бендот кој не правел компромиси, не застанал со свирење без разлика на тоа какви биле условите. Се тоа е опишано во стиховите на таа песна.

5. По 16 години, Дејан Николовски-Гајка, гитарист и еден од членовите кој од самиот почеток е дел од Смат, реши да се повлече. Која е причината? Каква беше вашата реакција кога го дознавте тоа, дали се чувстува неговото отуство и како планирате да продолжите понатаму, односно дали ќе ви се придружи некој друг?


-Гајка е од почетокот, го сака овој бенд подеднакво колку и сите други членови во бендот. Тој ќе биде секогаш тука за SMUT, дали тоа било студиско снимање или правење песни. Едноставно од лични причини несака повеќе да патува, да настапува надвор. Нашата реакција беше нормална затоа што по толку години заедно и преминувањето на секакви ситуации дојдовме до заклучок дека секој човек знае за себе шtо е најдобро. Гајка си кажа: "Најдобро за бендот е јас да не свирам".
Ние нормано планираме да продолжиме понатаму. Гитарист сеуште не сме нашле, а не сме ни барале, а најважно е да си на иста бранова должина затоа што SMUT не е само музицирање.


6. Постоите и активни сте долг период. Покрај многубројните фанови, секогаш постојат и зли јазици. Дали некогаш сте слушнале нешто за бендот што многу ве изреволтирало и што е тоа?

-Па токму тоа е одговорот на прашањето. Има зли јазици најмногу затоа што бендот работи напорно и си ги постигнува своите замислени цели. Никогаш не може да им угодиш на сите. Дури на неколку пати сум кажал дека е многу инспративно да те озборуваат, да те плукаат, мислејќи дека можат подобро. Тоа порано ми пречеше многу, но мислам по толку години се навикнуваш, доаѓаш до степен кога ќе си кажеш, "Чекај бе малку на кого тоа јас му објаснувам?" Каде си сега? SMUT како бенд не му должи објаснување и докажување на никого. Инаку најмногу сме биле плукани и озборувани, ФАКТ, но каде се тие луѓе сега?
Најлегендарна приказна е дека сме направиле многу пари и дека јас од првиот албум сум си купил ЏИП..Циркус.



7. Во текот на годините, сте биле сведоци на многу бендови кои се појавувале и по краток период заминувале. Како Смат успеа да опстои толку време? Какво е вашето мислење за новиот бран бендови кои се појавуваат и кои притоа вас ве посочуваат за пример и дел од нивното музичко влијание?

-SMUT опстоиле толку време од причината што никогаш не сме задоволни. Секогаш ја поместуваме границата, а потоа сакаме да ја скокнеме. Дали тоа била продукција, дизајн, песна,текст,аранжман едноставно, секогаш може подобро. Сами си поставуваме препреки. Втората причина е љубовта да го правиме тоа, ама најдобро што можеме.
Бендови секогаш се појавуваат и си одат. Во истиот момент кога ќе престанат со музицирање тие се музичките критичари кои знаат се. Дури и бендови кои на нивните концерти имале по 10 луѓе сега гледам им се лепат епитети како "легенди" и "неповторливи", "одвај чекам да направат концерт" итн, итн. Со момците одамна сме расчистиле дека нема приказни од стилот "не свириме па се враќаме ко ослободители". Тоа е фејк за сите па и за публиката што те почитува.
Младите бендови кои се појавуваат секогаш ја имале нашата поддршка која SMUT никогаш ја немала од постарите бендови. Постојат доста добри бендови на кои допрва ќе им помагаме и како SMUT и како DIEHARD records & booking, а има бендови на кои сме им помогнале и во истиот момент сме зажалиле. Едноставно не ја сфатиле целата hardcore приказна за почит , подршка и пријателство. Затоа постојат трендови во музиката , а оваа музика за среќа никогаш не била тренд и таквите луѓе не сакам да кажат дека биле дел од нешто за нив миновно, а на некого ова многу му значи.

8. Какви се плановите за блиска иднина? Можеби подолга турнеја? Дали повторно ќе чекаме многу за следен настап?

-Плановите се јасни, прво да ja средиме ситуацијата со нов гитарист. Oдиме со нов видео запис. Доста се оставаше простор во етерот на љангари и олигарси. На пролет планираме и турнеја .Со Diehard исто не застануваме.Имаме неколку добри бендови и мини фестивали во план, а веќе го најавивме и нашето прво издание на моќните FURION. Албум лудило!!! Мешавина од повеќе стилови ама се си е на место. Кога првите албуми на Metallica би се измешале со King Diamond,но отсвирени со жарта што ја имаат бендови како Municipal Waste и D.R.I… Комбинација на смртта. Многу сме горди на изданието што го спремаме како Diehard records, многу!!!


(Интервјуто го направија Ека и Омо)



1 коментар:

  1. Ковид-19 има тешка година, но со помош на понудата за заем на г-дин Педро успеав да поминам затоа што неговата понуда за заем од 2% навистина ми помогна многу и благодарен сум што можам да споделам овде дека г-дин Педро нуди заеми на 2 % стапка, исто така, тој може да финансира секаков вид на легитимен бизнис или да бара лична финансиска помош. Е-пошта: pedroloanss@gmail.com и Whats-App: +1- 8632310632

    ОдговориИзбриши